Груби: Проевропското крило во опозицијата ќе ги поддржи уставните измени

Првиот потпретседател во Владата, Артан Груби

Првиот потпретседател во Владата, Артан Груби денеска изјави дека уставните измени мора да се случат.

„Без уставните измени Македонија е во регрес. Без уставните измени Македонија е во статус кво и не може да оди напред и затоа секој што сака европска Македонија, секој што сака развој, секој што сака да ја види нашата земја рамо до рамо со членките на ЕУ ќе даде поддршка за уставните измени од коишто најголем добитник е македонската заедница во Република Северна Македонија затоа што конечно, конечно се прави одвојување на македонскиот народ од бугарскиот народ. И тоа со прифаќање на самиот бугарски народ којшто имаше други претензии. Како што знаете, се до вчера. Од овој процес најголем добитник апсолутно е првенствено македонскиот народ во РСМ и сите граѓани на државата затоа што сметам дека се заокружува целокупната тапија на државноста на РСМ“, изјави Груби кој денеска беше во Арачиново.

Тој посочи и дека има посебна заедница на Бугарите во земјава која што не е повеќе од 3500 граѓани, според последниот попис. Според него, проевропското крило кое што е во подем во опозицијата во Собранието ќе даде поддршка за уставните измени.

„Веќе имаме контакти, комуницираме со пратениците, комуницираме со претседателите на политичките партии за начин на којшто и они ќе ја дадат својата поддршка за европска Македонија“ рече Груби.

ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени, односно внесување на Бугарите во Преамбулата и најави дека нема да гласа за нив. Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците од опозициската партија. Уставните измени беа поставени како услов по потпишувањето на билатералниот Протокол на земјава со Бугарија за откочување на македонскиот евроинтегративен пат.