Заглавени автомобили и луѓе по невремето во Скопје

Storm in Skopje

Четири автомобили од кои во еден се наоѓаат и деца се блокирани, a уште 15 лица се заглавени во едно комбе и други автомобили кај стоковната куќа Мост, по невремето што попладнево го зафати Скопје.

На двете локации моментално се наоѓаат и припадници на противпожарната бригада.

Од службата за итна медицинска помош велат дека добиле пријави за повредени граѓани, но оти не станува збор за посериозни повреди.

Невреме со град во Скопје - поплавени улици, подвозници, куќи и дворови

Од Центарот за управување со кризи информираат дека на телефонот 112 граѓаните може да пријавуваат паднати дрва, откорнати кровови, заглавени возила, поплавени простории.

Има информации од Скопско за поплавени улици, паркинзи, подруми, гаражи, паднати покриви од згради, паднати билборди, многу искршени дрвја кои паднале и врз автомобили и слични случаи предизвикани од невремето…

„На улица „Киро Крстевски“ бр. 3 пријавено е дека покрив на петкатна зграда е оштетен, и дека за тоа се известени надлежните од Општина Кисела Вода и Територијална противпожарна бригада на Град Скопје“, соопштуваат од ЦУК.