Украина бара од ЕУ да им забрани влез на руските државјани

Илустрација

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Европската унија да им забрани на сите Руси освен политичките неистомисленици да патуваат во Европската Унија (ЕУ) со образложение дека неиспровоцираната инвазија на Москва ужива широка поддршка во земјата.

Во изјава за украинскиот сервис на РСЕ на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Прага на 30 август, Кулеба рече дека Европа се залажува ако мисли дека само рускиот претседател Владимир Путин е виновен за војната, а не и поширокото руско општество.

„Кога се анкетираат на улица, повеќето Руси ја поддржуваат политиката на Путин. Нарекувајќи ја оваа војна „проблем на Путин“, а не проблем на руското општество кое најмногу го поддржува својот претседател е само залажување“, рече Кулеба.

Прашањето за ограничување на визите за Русите се интензивира меѓу некои земји од ЕУ во последниве денови, но одлуката треба да биде одобрена од сите 27 земји-членки.

Неколку часа пред состанокот на министрите за одбрана на ЕУ, Франција и Германија издадоа заеднички документ во кој се тврди дека ограничувањето на визите за Русите би било контрапродуктивно бидејќи ЕУ се обидува да ги освои „срцата и умовите“ на оние Руси кои не ја поддржуваат инвазијата.

Германија и Франција се против целосна забрана на визите за Русите

Кулеба рече дека на „вистинските“ руски противници на Путин треба да им се дозволи да ја посетат Европската унија, но ја отфрли идејата дека патувањето во ЕУ ќе има влијание врз ставовите на другите Руси кон Путин или кон војната.