Зеленски им порача на Русите „Одете дома“ додека украинските сили покренаа офанзива на југ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, 29.08.2022.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика руските војници да избегаат од офанзивата што ја започнаа украинските сили во близина на јужниот стратешки град Керсон, окупиран од Русија од почетокот на војната, велејќи дека украинската војска ја враќа сопствената територија. Во своето редовно обраќање Зеленски вети дека украинските војници ќе ја бркаат руската армија „до границата“. „Ако сакаат да преживеат - време е руската војска да побегне. Одете дома“, рече тој.

Украина соопшти дека започнала противофанзива на југот на земјата

Претходно, претседателскиот советник Олексеј Арестович во видео-обраќање рече дека украинските сили гранатираат фериботи што руските сили ги користат за снабдување на дел од територијата окупирана од Русија на западниот брег на реката Дњепар во регионот Керсон. Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, рече дека потегот на Украина веќе има влијание врз руските воени капацитети бидејќи ги принуди да ги репозиционираат силите.