Бајден ја потврди воената помош од 3 милијарди долари за Украина

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден потврди денеска дека САД на Украина ќе и обезбедат речиси 3 милијарди долари за оружје и опрема што претставува најголема помош досега од почетокот на руската инвазија.

„Воената помош од приближно 2,98 милијарди долари ќе и овозможи на Украина да набави системи за противвоздушна одбрана, артилериски системи и муниција, воздушни системи против беспилотни летала и радари за да се осигура дека може да продолжи да се брани на долг рок“, рече Бајден по шест месеци откако Русија ја нападна Украина.

Соединетите држави обезбедија воена помош од 10,6 милијарди долари за владата на претседателот Володимир Зеленски од 24 февруари. Исто така, Германија соопшти дека наскоро ќе испорача оружје во вредност од повеќе од 500 милиони евра во Украина.

Најавите на САД и Германија доаѓаат поради стравувањата дека Русија би можела да изврши ракетни напади врз украинските градови на 24 август, додека граѓаните слават 31 година од независноста од Москва.