Експертска група треба да спречува отворање нов „Ванчо Михајлов“

Никола Тупанчевски, министер за правда

Министерот за правда Никола Тупанчески соопшти дека на денешната седница на Влада ќе предложи да се формира меѓуресорска група како преодно решение која ќе дава мислење за историските личности во процесот на регистрација на здруженија на граѓани.

„Она што во меѓувреме би требало да се направи според мене како министер за правда е да се превенира во однос на спречувањето на состојбите. Тоа значи дека денеска ќе се обидам и на седница на Влада да предложам решение – бајпасирање на состојбите до донесувањето на нов Закон за здруженија и фондации. Мојот предлог би бил да се формира ад – хок тело, меѓуресорско, експертско, кое ќе дава мислење за карактерот на историските личности, односно на начинот на кој што ќе се формираат или ќе дадат мислење за давање на согласност”, рече министерот за правда Тупанчески, одговарајќи на новинарски прашања.

Со ова ќе се намали можноста за злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи.

Отворањето на бугарскиот културен клуб Ванчо Михајлов во Битола, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на остри реакции од македонската јавност. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.

Пејачот Ламбе Алабаковски го запали клубот, по што беше уапсен.

Пред неколку дена беше соопштено дека било регистрирано Здружение „Цар Борис Трети“, бугарскиот цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со Нацистичка Германија и Фашистичка Италија. На ова реагираше и Еврејската заедница на Македонија. Министерството за правда соопшти дека до нив не било доставено барање за позитивно мислење за регистрација.