Руски медиуми - Убиена ќерката на идеологот од Кремљ, Дугин

Александар Дугин на митинг во центарот на Москва, 11 јуни 2014 година.

Ќерката на истакнатиот националистички идеолог поврзан со Кремљ, Александар Дугин, кој е еден од главните архитекти на руската инвазија врз Украина, наводно е убиена откако автомобилот со кој патувала експлодирал на 20 август во московскиот регион, објавија руските медиуми.

Рускиот истражен комитет во соопштението цитирано од државната новинска агенција ТАСС, наведува дека најверојатно била поставена експлозивна направа во автомобилот кој го возела 30-годишната Дарја Дугина.

„Според инспекторите, на 20 август околу 21:00 часот во градскиот округ Одинцово кај селото Болшие Вјаземи, експлозивна направа се претпоставува дека била поставена во возилото Тојота Ленд Крузер, кој излетал на јавен пат, а потоа автомобилот бил зафатен од оган.

Жената возач починала на местото на настанот. Го утврдивме идентитетот на починатата како новинарка и политичка аналитичарка Дарија Дугина“, се вели во пораката на одделот објавена на Телеграм.

Дугина беше политички коментатор на Меѓународното евроазиско движење, кое го води нејзиниот татко.

Андреј Краснов, личен познаник на семејството Дугин, за ТАСС изјави дека автомобилот со кој патувала е на нејзиниот татко. Краснов рече дека верува оти Дугин бил вистинската цел на експлозијата.

Денис Пушилин, сепаратистички лидер поддржан од Москва во украинскиот регион Доњецк, исто така рече дека Дугин бил планираната цел на експлозијата, за која го обвини Киев.

Дугин е екстремно десничарски руски автор и идеолог, кој е опишан како архитект или „духовен водич“ на руската неиспровоцирана инвазија на Украина и се верува дека има силно влијание врз рускиот претседател Владимир Путин, честопати опишуван како „Путинов Мозок“.