По 12 години заврши фискалниот надзор на ЕУ над Грција

Архива: Грција - Жена вади пари од банкомат и графит на кој пишува „Не на стравот“. Солун, 6 јули 2015 година.

Фискалниот надзор на Европската унија, кој ѝ беше наметнат на Грција пред 12 години во замена за спас по големата должничка криза, заврши денеска.

Во ноември 2009 година, Атина објави нагло зголемување на нејзиниот јавен дефицит што на крајот доведе до финансиска криза во еврозоната.

Во замена за финансиска помош од 289 милијарди евра и со цел да се спречи излегувањето на Грција од еврозоната, „тројката“, составена од Меѓународниот монетарен фонд, ЕУ и Европската централна банка, побара од Атина сеопфатни реформи.

Тие вклучуваа големи кратења на владините трошоци и намалувања на платите, зголемување на даноците, приватизација и други опсежни реформи.

Како резултат на тоа, невработеноста во Грција се искачи на речиси 28 отсто, а квалификуваните професионалци масовно емигрираа.

„12-годишниот циклус што им донесе болка на граѓаните, доведе до економска стагнација и поделено општество“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Сепак, како што наведува, „се појавува нов хоризонт исполнет со раст, единство и просперитет за сите“, рече тој.

„Забележавме силен раст и значителен пад на невработеноста од три проценти во однос на минатата година и пет проценти во однос на 2019 година“, додаде тој.

Укинувањето на надзорот ќе ја зајакне позицијата на Грција на меѓународниот пазар преку зголемување на нејзината привлечност за инвеститорите. Атина, исто така, сега ќе има поголема контрола врз својата домашна економска политика.