Во Брисел заврши првата рунда од таканаречената трилатерална средба меѓу косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ со претставници на Европската унија како дел од дијалогот на највисоко политичко ниво. Како што дознава Радио Слободна Европа, ќе има одвоени билатерални средби меѓу лидерите на Косово и Србија со европската страна, со цел лидерите повторно да се соберат во текот на денот. Во зградата на ЕУ каде што се одржува дијалогот пристигна и американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар. Американската страна не учествува во дијалогот, но САД целосно ги поддржуваат напорите на ЕУ во процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово.
Тензиите на Косово ги зајакнаа руско-српските врски
Високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, пред првиот круг од дијалогот меѓу Косово и Србија изјави дека „време е да се оди напред кон целосна нормализација на односите“. По претходните одвоени средби со Курти и Вучиќ, Борел на Твитер напиша дека очекува двајцата лидери да бидат флексибилни во постигнувањето заеднички став. „Неодамнешните тензии на северот на Косово уште еднаш покажаа дека е време да се оди напред кон целосна нормализација. Очекувам двајцата лидери да бидат отворени и флексибилни за да најдат заеднички јазик“, напиша Борел.