Прогласен победникот на претседателските избори во Кенија

Вилијам Руто

Шефот на изборната комисија во Кенија, Вафула Чебукати го прогласи потпретседателот Вилијам Руто за победник во тесната претседателска трка, но некои од членовите на комисијата го отфрлија резултатот, поттикнувајќи стравувања од насилство како она што беше забележано по претходните спорни избори.

„Нема враќање назад. Ние гледаме во иднината. Ни требаат сите раце за да одиме напред“, рече Руто поздравувајќи ја изборната комисија.

Неколку минути пред Чебукати да објави дека Руто победил на изборите, неговата заменичка Јулијана Черера на посебна локација изјави за медиумите дека таа и уште тројца членови ги негираат резултатите.

Кенија е меѓу најбогатите и најстабилните држави во регионот, но беше зафатена од постизборно крвопролевање во 2007 и 2017 година.

Извештаите сугерираат дека Руто бил фаворит во тесната трка против опозицискиот лидер Раила Одинга на изборите одржани на 9 август.

Кенија и нејзините 54 милиони жители се тешко погодени од пандемијата, а сега глобалната цена на храната и горивото расте, при што земјата се соочува со катастрофалната суша на северот.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен на 13 август повика на мир и трпение во телефонскиот разговор со кенискиот претседател во заминување Ухуру Кенијата.