Жан Митрев повикан на распит во Обвинителство

Доктор Жан Митрев

Докторот и сопственик на приватна болница во Скопје Жан Митрев денеска е повикан на распит во Основното јавно обвинителство. Оттаму за новинската агенција МИА потврдуваат дека Жан Митрев е повикан на распит за определени околности во врска со предмет оформен по допрен глас во ОЈО Скопје.

Обвинителството на 18 јули годинава, по допрен глас оформи предмет, откако ИРЛ објави истражување за работата на клиничката болница „Жан Митрев“ и доктор Жан Митрев.

Ќе има ли одговорност за случајот „Нечиста крв“?

Обвинители, здравствени инспектори и претставници од Агенцијата за лекови почнаа да ја истражуваат работата на приватната клиника “Жан Митрев“, по документарниот филм „Нечиста крв“на Истражувачката Репортерска Лабораторија (ИРЛ), во кој откриваат дека Клиниката на кардиохирургот вршела клинички студии на пациенти со методот на хемофилтрација без да ги пријави, а воедно се истражуваат и смртни случаи, поврзани со бактериски инфекции кај пациенти.

Од приватната болница „Жан Митрев“ денеска во соопштение посочуваат дека хемофилтрацијата е само еден дел од спектарот методи и пристапи коишто се користат за лекувањето на пациентите.

„ Хемофилтрацијата како метод во третман на Ковид-19 има ургентно одобрување од Американската агенција за лекови (FDA) со јасно дефиниран индикационен опсег. Тоа ја прави примената на хемофилтрацијата во овој случај легитимна. Ова одобрување е еквивалентно на тоа за вакцините. При ургентно одобрување од ова највисоко авторитетно регулаторно тело, третманот не може да се смета за небезбеден, неиспитан и нетестиран, “ се вели во соопштението на приватната болница „Жан Митрев“.

Во него се наведува дека примената на хемофилтрацијата во пандемија нема статус на клиничко испитување и не е предмет на регулативата за добивање одобрение за клиничко испитување, а со тоа и потпишана информирана согласност од страна на пациентот.

Уште не е докажано дека се експериментирало со ковид пациенти

Министерот за здрваство Беким Сали по објавувањето на сторијата побара време за здравствените институции да утврдат што точно се случувало во приватната болница Жан Митрев клиник.