Достапни линкови

Ќе има ли одговорност за случајот „Нечиста крв“?


Илустрација
Илустрација

Обвинителството, здравствениот инспекторат и Агенцијата за лекови почнаа со „чешлање“ на работата на приватната клиника “Жан Митрев“, по откритијата на ИРЛ, но првите наоди се најавуваат за утре. Во меѓувреме уште стотици други граѓани пријавуваат вакви случаи.

Обвинители, здравствени инспектори и претставници од Агенцијата за лекови почнаа да ја истражуваат работата на приватната клиника “Жан Митрев“, по документарниот филм „Нечиста крв“на Истражувачката Репортерска Лабораторија (ИРЛ), во кој отркиваат дека Клиниката на кардиохирургот вршела клинички студии на пациенти со методот на хемофилтрација без да ги пријави, а воедно се истражуваат и смртни случаи, поврзани со бактериски инфекции кај пациенти.

Во меѓувреме во јавност излезе адвокатот Асмир Алиспахиќ, кој го застапува семејството на починат пациент во клиниката “Жан Митрев“ под сомнение дека починал од сепса.

Како што вели за Радио Слободна Европа уште пред три месеци поднел кривична пријава против вработени во клиниката за несоодветна грижа и лекување.

„Според она што ние го поседуваме како докази има индиции дека станува збор за нечисти инструменти кои биле употребувани при самата операција. Мислам дека многу добро таа медицинска документација ја координирале како оштетените не би биле информирани за причините за настанатата смрт“, вели адвокатот Алиспахиќ.

Станува збор за 44 годишен државјанин на Косово кој се лекувал во клиниката, а според тврдењата на адвокатот бил исто така ставен на хемофилтрација.

За оваа пријава од обвинителството потврдуваат дека е отворена предистражна постапка кај надлежен јавен обвинител во април.

По објавата на документарниот филм кој ја следи и голготата на семејство од Велес кое изгубило близок член во клиниката, до редакцијата на ИРЛ стигнале стотици пријави и од други граѓани за вакви слични случаи.

Главната и одговорна уредничка Сашка Цветковска вели дека на помош во обработката на пријавите од граѓаните на помош се вклучуваат и невладини организации.

„Секојдневно веќе стотици пријави добиваме, ние немаме капацитет самите да ги одработиме, но добивме поддршка и се понудија Хелсиншкиот комитет за човекови права и Клубот на млади правници, кои ќе им помогнат на граѓаните со правни совети, со разгледување на нивните пријави и да можеме некако да им помогнеме на граѓаните да тераат институционална борба“, вели Цветковска.

Во меѓувреме Обвинителството не открива повеќе детали за отворената предистражна постапка по документарецот на ИРЛ, ниту пак колку кривични пријави пристигнале до нив по овој основ во време на пандемијата.

„Предметот е во фаза на предистражна постапка. Согласно Законот за кривична постапка, дејствијата кои ги презема јавниот обвинител во рамките на предистрагата се тајни и од тие причини во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени повеќе детали со јавноста“, одговорија од обвинителството.

Вонредни надзори во клиниката прават и инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Директорката на ДЗСИ, Ирина Бухова вели дека добиле налог од министерот за здравство да влезат во приватната болница, но не отркиваат што ќе биде предмет на надзорот.

„Тоа ќе го прашате министерот што бараше од нас, затоа што надзорот не е наша иницијатива. Кога е на наша можам да кажам, но ова е вонреден инспекциски надзор на барање на министер и за секоја подетална информација обратете се кај министерот“, вели директорката на ДЗСИ, Ирина Бухова.

МАЛМЕД се уште ја чека документацијата од клиниката

Документацијата на клиниката „ја чешла“ и Агенцијата за лекови Малмед која ќе треба да утврди дали е почитувана постапката за клинички испитувања за хемофилтрација.

Директорот Лирим Шабани вели дека се уште ја чекаат целосната документација од клиниката.

„Од клиниката бараа малку време да приберат документација, денес или утре им е рокот до кога треба да ја достават потребната документација врз основа на што ќе се направи проценка, ќе се направат записници и ќе можеме да споделиме и со јавноста дали е се испочитувано или не. Немаме се уште целосна документација од нив, чекаме“, вели директорот на Агенцијата за лекови МАЛМЕД.

Во вакви случаи, директорот објаснува дека има јасно утврдени законски процедури, според кои, при секое клиничко испитување се поднесува барање до Агенцијата за лекови.

Истото барање со целосна документација оди на разгледување во етичка комисија, а потоа и во посебна комисија која е само за клинички испитувања.

Етичката комисија објаснува директорот, проверува дали тимот е соодветен, дали има изјави пополнети од испитаниците и ред други документи, по што следува евентуално одобрение на институтцијата да врши испитувања, но под строго утврдени правила и протоколи.

„Тоа би било редот на работите. Во конректниов случај не знаеме уште дали е тоа се испочитувано или има пропусти. Се уште чекаме, имаат рок да ја достават целосната документација, за да може комисијата да ја разгледа, па со записник да донесе одлука и заклучок“, вели директорот Шабани.
По реакциите во јавноста Владата вчера го задолжи Министерството за здравство да изврши проверка и во рок од два дена да достави информација во врска со овој случај.

Министерот за здравство Беким Сали најави повеќе детали од прелиминарните резултати од инспекциите во текот на утрешниот ден.

Жан Митрев Клиник: Соработуваме со институциите

Од Клиниката „Жан Митрев“ за РСЕ велат дека соработуваат со институциите и се што ќе биде побарано од нив ќе го дадат на располагање.

Клиниката вчера преку соопштение до медиумите ги отфрли информациите во документарецот како невистинити и обвини за намерно нарушување на честа и угледот на клиничката болница.

Цветковска: Се надевам ќе се прогласи некој за надлежен

Работата на новинарите е да ги наоружат институциите со квалитетни информации, а понатаму тие ефикасно да гонат криминал и корупција, порачува новинарката Цветковска.

Таа како и целата јавност се надева на институционална разврска.

„Би била многу разочарана ако нема. Толку многу приказни направивме и за време на пандемијата и за другите приватни болници и за државното здравство и друите наши стории кои опфаќаат криминал и корупција и имало некакви минимални напори за институционални разврски, но на крајот се заташкува. Но, овој пат бидејќи станува збор за здравје и живот се надевам дека институциите ќе се одважат и како што кажа Мелита Брезева (сопруга на починатиот пациент во документарецот „Нечиста крв“) ќе се прогласи некој за надлежен“, вели Цветковска.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG