Првиот брод со украинско жито се укотви во Турција откако либанскиот купувач ја одби испораката

Илустративна фотографија/ Комбајн собира пченица на поле во Украина

Првиот брод со жито што отпатува од Украина според договорот постигнат со посредство на ОН се закотви денеска во Турција, по 11 дена на море, покажаа податоците на „Рефинитив“, а агентот на бродот во Турција рече дека ќе продолжи кон Египет откако ќе истовари дел од својот товар.

Бродот Разони исплови од украинското пристаниште Одеса на 1 август според договорот постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција меѓу Русија и Украина. Оттогаш заминаа уште 11 бродови.


Додека Разони првично се движеше кон либански Триполи, амбасадата на Украина во земјата соопшти дека купувачот ја одбил испораката поради петмесечно доцнење и дека бродот бара нов клиент.

Бродот, кој оттогаш беше закотвен во близина на јужниот брег на Турција, влегол во пристаништето во Мерсин во четвртокот попладне, покажаа податоците на следачот на бродови „Рефинитив“.


Кадир Сојер, директор на бродската агенција Торос со седиште во Мерсин, рече дека бродот ќе истовари 1.500 тони пченка во Турција, а подоцна ќе продолжи за Египет со остатокот од товарот од 26.527 тони.

„1.500 тони ќе бидат истоварени во Мерсин, а остатокот ќе оди во Египет“, изјави тој.

Торос се занимаваше само со приклучувањето и истоварувањето во Турција и нема да биде вклучен во патувањето на бродот во Египет, рече тој.

Испораката на жито беше блокирана поради руската воена инвазија која почна на 24 февруари. Украина ја обвини руската блокада на нејзините пристаништа за запирање на испораката на жито, додека според Русија вината е во мините кои ги стави Украина во водата.