Советот за безбедност на ОН одржа итен состанок за ситуацијата во Газа

куќа погодена во израелски воздушен напад во Газа, 6 август 2022 година.

Советот за безбедност на Обединетите нации одржа итен состанок за ситуацијата во Појасот Газа и неколку членови на телото изразија загриженост поради кревкото примирје меѓу екстремистите од Исламскиот џихад и Израел по три дневниот конфликт. Говорејќи преку видео врска на почетокот на состанокот, претставникот на ОН за Блискиот Исток, Тор Венесланд, предупреди дека обновените непријателства може да имаат „погубни“ последици. „Примирјето е кревко“, рече тој. Рускиот амбасадор Василиј Небезнија изјави дека Советот е „длабоко загрижен поради ваквиот развој на настаните што може да доведат до обновување на воен конфликт од целосен обем и дополнително да ја влошат и онака тешката хуманитарна ситуација во Газа“.

Палестинската милитантна група го потврди примирјето со Израел во Газа

Израел во петокот започна артилериски и воздушни напади врз позициите на Исламскиот џихад во Газа, а екстремистите одговорија со истрелување повеќе од 1.000 ракети како одмазда, соопшти израелската војска. Тоа беше најголемиот конфликт од 11-дневната војна во Газа минатата година. Со прекинот на огнот посредуван од Египет завршија жестоките судири во кои загинаа 44 лица, меѓу кои 15 деца, а беа ранети 360, соопшти палестинското Министерство за здравство во Газа. Двете страни тврдат дека имаат право да одговорат доколку се прекрши примирјето. Пред состанокот, израелскиот амбасадор во ОН Гилад Ердан го повика Советот да го смета Исламскиот џихад „целосно одговорен“, обвинувајќи ја организацијата поддржана од Иран дека ги користи жителите на Газа како „човечки штит“.

Израелската војска изврши напад во Појасот Газа

Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд го поддржа правото на „Израел да го брани својот народ од терористички закани“. „Овој совет треба да може колективно и безусловно да го отфрли тероризмот на палестинскиот исламски џихад, чии непромислени дејствија ги загрозија животите на цивилите на двете страни“, рече таа. Од друга страна палестинскиот амбасадор Ријад Мансур ја осуди „неоправданата агресија“ на Израел. „Уште колку деца треба да закопаме додека некој не каже доста е, доста е доволно“, рече тој.