Подољак се заблагодари на македонската помош за Украина - Никогаш нема да го заборавиме ова

Михајло Подољак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски

Михајло Подољак, главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, преку објава на Твитер напишана на македонски јазик се заблагодари за помошта која од македонска страна стигнува за Украина, за време на руската воена инвазија во оваа земја.


„Пријателот се познава во неволја. Не е важно со каква големина е твојата земја, важно е какво срцето. Многу народи денес ќе покажат повеќе храброст од половина од G20. Како Северна Македонија, која ѝ пружи помош на Украина. Ние никогаш нема да го заборавиме ова“ , напиша Подољак на Твитер.

Изјавата доаѓа неколку дена по донацијата во тенкови кои Македонија ги испрати на Украина. Се работи за тенкови кои таа ги купи од Украина во времето на конфликтот во 2001 година.

Во дел од медиумите се појави информација дека земјава ќе и ги донира на Украина и четирите воени авиони „сухои“, кои исто така беа купени од Украина за време на конфликтот во 2001 година. Но донацијата на „сухоите“ не беше ниту потврдена, ниту дементирана од Министерството за одбрана, од каде само информираа дека се донесени три одлуки, чија содржина се уште е тајна.

„Точните детали за сите три одлуки, нивната содржина и објаснување ќе бидат декласифицирани и транспарентно објавени. Со досега донесените одлуки не се нарушува борбената готовност на нашата армија“, наведуваат од Министерството за одбрана.

На донацијата во тенкови реагираа од руското МНР од каде сметаат дека донацијата е голема грешка на властите во Скопје. Од македонското МНР пак на ова вратија дека Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право.

Инаку на 28 февруари годинава Владата донесе одлука за донирање на воени средства и опрема за вооружените сили на Украина, со што се придружи на сеопфатната поддршка на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ.

Претходно голем дел земји поединечно одлучија да и испратат воена помош за Украина, откако Русија започна воената инвазија на 24 февруари. Тогаш од Владата тогаш соопштија дека видот на средства кои се донираат се согласно барањата на Украина.