Лавров: Русија е подготвена да разговара за размена на затвореници

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Камбоџа

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека Москва е подготвена да разговара со Вашингтон за размена на затвореници во која е вклучена американската кошаркарка Бритни Гринер. „Подготвени сме да разговараме за ова прашање, но само во рамките на комуникациските канали за кои се договорија претседателите Путин и Бајден“, рече Лавров на прес-конференција во Камбоџа, прецизирајќи дека постои посебен канал за кој се договориле претседателите и дека и покрај некои изјави во јавноста, тој канал се уште е целосно актуелен. „Ако Американците решат да продолжат да учествуваат во јавната дипломатија и да дадат бомбастични изјави... тоа е нивна работа, па дури и нивен проблем“, рече Лавров, наведувајќи дека Вашингтон „не успева“ да работи „смирено и професионално“ на бројни прашања.

Американската кошаркарка Гринер во Русија осудена на девет години затворска казна

Рускиот суд вчера ја осуди американската кошаркарка Бритни Гринер на девет години затвор за поседување дрога, што е строга казна која го отвора патот за можна размена на затвореници меѓу Москва и Вашингтон. Во минатата недела шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен и неговиот колега Сергеј Лавров ги имаа првите разговори од почетокот на руската офанзива во Украина.

САД со „понуда“ до Москва за ослободување Американци

Блинкен рече дека лобирал Лавров да ја прифати понудата на Вашингтон за ослободување на Бритни Гринер и уште еден Американец затворен во Русија, Пол Вилан, кој отслужува 16-годишна затворска казна за шпионажа. Неколку американски медиуми објавија дека Бритни Грајнер и Вилан биле разменети за познатиот руски трговец со оружје кој бил затворен во САД, Виктор Бут.