ССМ: Владата на работниците им овозможи поскап леб и непокачени плати

Сојуз на синдикати на Македонија / ССМ

Сојузот на синдикатите на Македонија реагира што во услови на криза Владата не презема навремени и таргетирани мерки и како што велат - без оправдани причини не ги усогласува платите на работниците со минимална плата.

„Без постоење на реални и оправдани причини, Владата постапува спротивно на Уставот во кои е уредена обврската за почитување на правото и законите и целосно функционирање на правната држава, Владата не постапува согласно Законот за минимална плата, другите закони и владеењето на правото и не обезбеди зголемување односно усогласување на платите за најмалку 2806 денари на сите вработени во јавниот сектор и на тој начин да го амортизира ударот од ценовните шокови кои ги доживуваат работниците секојдневно“, се вели во денешната реакција од ССМ.

Зголемени трошоци, исти плати - синдикатите се закануваат со тужби

Од ССМ потсетуваат дека инфлацијата изнесува 14,5 отсто, а синдикалната минимална кошница за една година е зголемена за 5.498,00 денари односно за 16 отсто, како и дека разликата меѓу просечната нето-плата и синдикалната кошница во 2022 година е 7.384 денари.