Пендаровски од Прохор Пчински: Ова треба да е камен темелник за новите односи со Србија

Претседателот Стево Пендаровски со македонска државно-црковна делегација, по пауза од 18 години денеска на Илинден беше во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“

Претседателот Стево Пендаровски, кој со македонска државно-црковна делегација, по пауза од 18 години денеска на Илинден беше во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“ изјави дека е договорено во најскоро време да се формира работна група на ниво на министерства за надворешни работи со Србија која ќе треба да ги договори идните прослави на 2 Август во манастирот.

По посетата на манастирот, каде положи цвеќе, Пендаровски им се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ и на поглаварот на СПЦ Порфириј затоа што, како што рече, ни овозможиле после 18 години пауза да дојдеме на ова свето место и да го одбележиме најголемиот македонски државен празник.

„Ова е местото каде што е формирана современата македонска држава и знаете од различни причини не можевме да дојдеме тука и на ова место тука да го прославиме тој празник, па знаете, правевме некои алтернативни паралелни прослави во близина, меѓутоа не и овде каде што навистина е одржано историското заседание на АСНОМ. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција во која 2 Август, тоа е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука и оттука натаму се разбира дека, како велат старите, со сите нишани ќе доаѓаме да оддадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944 година,“ изјави Пендаровски.

Прашан дали е разговарано да се обнови Спомен собата, рече дека добиле уверување и од домаќинот на манастирот. Идејата, како што рече, е постојано да се слави празникот на ова место.

„Знаете, има нов контекст во политичките односи, ние никогаш не сме имале проблеми, меѓутоа меѓу црквите постоеја одредени проблеми кои се разрешени од мај оваа година и мислам дека тоа треба да го искористиме дополнително да го зацврстиме тоа и црковно и државно пријателство меѓу двете држави и двата народа. Не верувам, такво уверување добив од моите домаќини, дека ова се случува само сега и дека е ПР-настан – сакаат само да се пофалат. Не, ова треба да биде еден камен-темелик, значи да положиме темелник на новите односи и во оваа смисла, оти ако не ги почитуваме светињите, ако не ги почитуваме светите места наши и нивни од нашето минато мислам дека немаме никаква иднина во билатералните односи“, изјави Пендаровски.