Црвениот крст го осуди нападот во кој беа убиени украински заробеници

Територијата на колонијата во Оленивка по експлозијата на 28 јули во касарната каде што се држеле украински воени заробеници. Сателитска снимка на Maxar Technologies од 30 јули 2022 година

Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) го осуди нападот врз затворската локација каде беа убиени десетици украински воени заробеници на територијата контролирана од сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина. Црвениот крст наведе дека сè уште не добил дозвола да го посети местото на нападот врз затворската установа Оленивка на 29 јули. И покрај тоа што бара да се спроведе непристрасна истрага за нападот, Црвениот крст додаде дека не е организацијата која има мандат да спроведе таква истрага. „Семејствата мора да добијат итни вести и одговори за тоа што се случило со нивните најблиски. Страните мора да направат се што е во нивна моќ, вклучително и преку непристрасни истраги, за да помогнат да се утврдат фактите зад нападот и да се разјасни ова. Сепак, улогата или мандатот на МКЦК не е да спроведува јавни истраги за наводните воени злосторства“, се додава во соопштението.

Киев ги отфрли наводите дека во украинско гранатирање загинале 40 украински воени заробеници

Киев и Москва разменија обвинувања за тоа кој е виновен за ракетниот напад или експлозијата во која загинаа десетици украински затвореници во градот Оленивка на првите линии на конфликтот. Руското Министерство за одбрана ги покани Обединетите нации и МКЦК да го истражат затворот на територијата контролирана од сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина. „Русија официјално ги покани експертите на ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да се вклучат во непристрасна истрага за нападот на истражниот центар во Оленивка, во кој загинаа голем број украински воени затвореници“, соопшти руското Министерство за одбрана на 31 јули.