Осум дена притвор за Габриел Бајрам, тепал шанкер во кафеана

Илустрација

Габриел Бајрам, син на поранешниот пратеник Амди Бајрам, доби осум дена притвор, објавија дел од домашните медиуми.

Скопското обвинителство поведе постапка против 41-годишниот Бајрам и неговиот 21-годишен син за кривично дело насилство. Обвинителството не го објави идентитетот на осомничените, а МВР објави само иницијали.

„Двајцата осомничени, на 28 јули, во угостителски објект на булеварот „Словенија“ во Скопје, додека биле на семејна роденденска прослава, извршиле грубо насилство врз едно лице. Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот“, соопшти обвинителството.

Надлежниот обвинител побара притвор со оглед на тоа што „постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото, со оглед дека се работи за лице кое и претходно е осудувано за повеќе слични кривични дела. Исто така, постои и опасност осомничениот да му се заканува или да го нападне оштетениот во обид да го принуди да го смени исказот“.