Киев ги отфрли наводите дека во украинско гранатирање загинале 40 украински воени заробеници

Артилериски ракетен систем HIMARS

Украина ги отфрли руските обвинувања дека извршила напад врз затвор во источниот регион Доњецк во кој загинаа најмалку 40 украински воени затвореници заробени за време на борбите за пристанишниот град Мариупол, а наместо тоа ја обвини Русија за нападот. Непотврдени извештаи на руското Министерство за одбрана и на сепаратистите поддржани од Москва во источниот украински регион Доњецк наведуваат дека во украинско гранатирање биле убиени најмалку 40 украински воени затвореници заробени за време на борбите за пристанишниот град Мариупол. Министерството соопшти дека Украина денеска нападнала затвор на територијата под контрола на сепаратистите со ракети ХИМАРС од американско производство, при што загинале 40 украински воени заробеници, а 75 други биле ранети.

Гранатирање со ХИМАРС на мостот во Kерсон кој е под контрола на Русија

Данил Безсонов, портпарол на сепаратистите во Доњецк, на Телеграм изјави дека најмалку 40 украински воени заробеници загинале, а 130 се ранети во гранатирањето на затворот во градот Оленивка. „Бројот на загинатите може да се зголеми“, додаде тој. Немаше непосреден коментар од украинските власти за извештајот и тврдењето не можеше да биде независно проверено. Украинските војници беа заробени по жестоките борби за украинското пристаниште Мариупол во Азовското Море, каде што со месеци се држеа во џиновската фабрика за челик Азовстал. Потоа биле однесени во затвори во областите под контрола на Русија, како што е регионот на Доњецк.