Осум лица загинаа во пожар во хостел во Москва

Осум лица загинаа во пожар во хостел на улицата Алма-Атинскаја во Москва доцна вечерта на 28 јули 2022 година.

Осум лица загинаа во пожар во 15-катен хостел во Москва во текот на изминатата ноќ, откако алармот за пожар не функционирал, соопштија денеска руските власти. Пожарот избувна во зградата во југоисточниот кварт, соопшти агенцијата која истражува криминални дела, додавајќи дека четири лица се хоспитализирани. Службите за итни случаи соопштија дека пожарот избувнал во приземјето на зградата, додавајќи дека пламенот бил изгаснат веднаш по полноќ и дека повеќе од 200 луѓе се евакуирани.

Низ фотографии: Русија гори во мистериозни пожари

Сите загинати во пожарот се мигранти, цитираше висок функционер за итни случаи, новинската агенција ТАСС. Нивното државјанство во моментов е во процес на утврдување. Високиот функционер за итни случаи изјави за ТАСС дека алармот за пожар не функционирал и дека луѓето внатре биле заробени, бидејќи сите прозорци имале метални решетки. Пожари се случуваат доста често во руски згради поради лошо одржување, инфраструктура или невнимание.