Џафери не ги коментира најавите за уставни измени и за референдум

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната средба со новинарите изјави дека не се подготвува за предвремени избори, потсетувајќи ја притоа опозицијата дека за тоа се потребни претходни подготовки имајќи предвид дека сто дена пред вакви избори е потребно формирање техничка Влада. Џафери рече исто така дека е преурането да ги коментира најавите за уставни измени и за референдум во врска со европскиот предлог. „Нема материјал за да се изјаснам. Опозицијата хипотетички прави ситуација“, рече тој.

Измени на Уставот, референдум или избори, што е прво на политичкото мени?

Во врска со актуелните случувања во Парламентот со немањето кворум и активната блокада од ВМРО-ДПМНЕ, Џафери беше дециден дека пратениците треба да си ја заработат платата и да бидат во салата, а дека проблемите во владејачката коалиција треба да се решаваат политички, а не со неприсуство и негласање на законите. „Има две решенија или ќе бидеш присутен или ќе го распуштиш Собранието или направи друго мнозинство. Должни се да присуствуваат на седница, истакна тој. Грешат ако сметаат дека Собранието, како што потенцира, е точката каде што ќе поставуваат ултиматум. Одговарајќи на тврдењата дека Собранието е неефикасно и нефукционално поради немање кворум, Џафери потенцира дека од почетокот на неговиот мандат само 10 отсто од точките што биле на дневен ред на седниците не се завршени.

Пратениците гласни, граѓаните тивки против францускиот предлог

За отсуствата од седниците на лидерот на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, вели дека за изјаснување односно гласање тие се најредовни во Собранието. Отсуството на Ахмети, според него, е поради партиски активности како лидер на партија. Собранието официјално оди на одмор по Илинден, а првите активности се очекуваат од 29 август. Првата редовна седница ќе биде закажана за 13 септември, а дотогаш ќе се одржуваат седници на комисии и продолженија на незавршени седници.