Смит: Оружјето со долг дострел е клучно за победа на Украина

Артилериски ракетен систем HIMARS, Украина 4 јули 2022 година. Фотографија од Генералштабот на вооружените сили на Украина

Американскиот конгресмен Адам Смит претседател на Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом, вели дека Вашингтон се надева дека значително ќе го зголеми количеството оружје со долг дострел што го има Украина за да ја победи Русија и да го спречи бруталниот, неиспровоциран напад на претседателот Владимир Путин врз таа земја.

Тој рече дека има за цел Украина да добие 30 повеќецевни ракетни системи (Киев побара најмалку 50) што е можно поскоро.

„Затоа што во оваа борба, кој може да види далеку и да пука далеку, ќе биде во подобра форма“, изјави Смит за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Смит оценил и дека Путин се обидува да ја прошири руската територија не затоа што се чувствувал загрозен, туку затоа што „сакал да ја прошири територијата на Русија со брутална сила“.

Смит се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на викендот на патувањето во Киев со двопартиска група пратеници.

Соединетите Држави веќе испорачаа десетина високомобилни артилериски ракетни системи М142 или ХИМАРС на Украина, а неодамна одобрија и испорака на уште четири.

Во меѓувреме, западните сојузници, исто така, испорачаа неколку ракетни системи М270 (МЛРС) на Украина.

Тие можат да истрелаат проектили далеку зад непријателските линии со точност од неколку метри, што ги прави многу ефикасни.