Мицкоски во консултации за референдумот за францускиот предлог

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се консултира како да го формулира референдумското прашање за преговрачката рамка со Бугарија и околу тоа во каква форма би бил референдумот, дали задолжителна или пак консултативна.

Кога би се одржал, кој би го поднел, дали пратениците или пак граѓани, дали ќе биде претходен или последователен, дали ќе се однесува на преговарачката рамка или на делот на преговарачката рамка кој се повикува на билатералниот договор со Бугарија, за сето ова продолжуваат консултациите, истакна денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција.

Мицкоски додаде дека само референдумот може да покаже чии ставови се искрени, но вели загрижувачки тоа што одредени партии во опозицијата не се критички настроени кон власта, што, според него, остава сомнеж за тоа дали навистина треба да се идентификуваат како опозициски.

„Има една чудна состојба, а тоа е противници на ваквото референдумско изјаснување на граѓаните е власта и оние инсталации на власта во опозицијата. Тоа е една чудна ситуација која ги обединува тие инсталации на власта во опозицијата и самата власт,“ истакна Мицкоски.

Измени на Уставот, референдум или избори, што е прво на политичкото мени?

Запрашан дали при тоа мисли на опозициските партии на Албанците, Мицкоски истакна дека досега не го чул нивниот став по однос на идејата за референдум.

„Но откако го поддржаа оној лист хартија во Собранието имам дилема дали се воопшто во опозиција или се резервна варијанта или базен за пратеници на власта. Тука веќе имам јас дилема каде тие припаѓаат. За да се идентификуваат себеси како опозиција треба во јавноста да излезат со ставови со кои ќе ја критикуваат власта“, посочи Мицкоски.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена ја прифати инцијативата за референдум за спорот со Бугарија, која изминатите денови беше најавувана од Мицкоски.

Опозиционерот бара референдум на кој граѓаните би се изјасниле само дали ја прифаќаат преговарачката рамка со билатералниот договор со Бугарија, но не и за менување на Уставот, бидејќи како што вели, највисокиот правен акт нема да биде променет, а Бугарите нема да бидат во него.