Скопското Основното јавно обвинителство денеска поднело обвинение против три лица за кривично дело „убиство“ на ракометарот Денис Тот. Тие се товарат дека на 7 април пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје заеднички го лишиле од живот младиот хрватски ракометар.
„По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се наведува во соопштението.
Од ОЈО соопштија дека надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети, бидејќи се уште постојат околностите поради кои таа мерка им беше определена во текот на истрагата.
Дваесет и седумгодишниот хрватски ракометар, кој играше за РК Бутел, почина на скопските клиники откако пред дискотеката Привилиџ беше претепан од три лица – 22-годишниот А.К., 19-годишната К.Л и 28-годишниот А.Ѓ, кој беше во бегство и за кого беше распишана и меѓународна потерница.