Достапни линкови

Се дознава дека немало лиценца откако ќе се случи трагедија


Илустрација

По убиството на младиот хрватски ракометар Денис Тот минатата недела пред дискотеката Привилиџ во Скопје, властите соопштија дека клубот работел без лиценца. Автобусот на Беса транс кој изгоре со 45 патници во Бугарија лани во ноември, исто така, возел без лиценца. Има ли некој во државата дозвола за работа или сè е на диво, прашуваат граѓаните на социјалните мрежи.

Изгледа во Македонија лиценца или дозвола за работа имаат само тие што немаат врски, коментираат граѓаните на социјалните мрежи, по убиството на младиот хрватски ракометар Денис Тот пред дискотеката Привилиџ, за која подоцна беше соопштено дека немала лиценца, а поради тоа имала и забрана за работа.

Којзнае уште колку фирми во земјава работат без потребните документи, но за тоа обично се дознава откако ќе се случи трагедија.

Откако се случи трагичното убиство на младиот ракометар, институциите се растрчаа па Државниот пазарен инспекторат соопшти дека дискотеката имала решение за забрана за работа од февруари годинава поради немање лиценца, но и покрај тоа објектот си работел. Инспекторатот го затвори клубот дури после убиството.

Според истражувањето на irl.mk од пред две години, до тогаш сопственоста на дискотеката се поврзуваше со поп-пејачот Брејк, а од 2020 го презема фирмата „Афион Продукција“ од Битола.

„Сопствениците се непознати и никој не чул за нивен посебен ангажман во угостителството. Во клубот нема промени на персоналот, ниту програмата, а како фирмата само го преземала ноќниот клуб, не е јасно“, пишуваше ИРЛ.

Дел од граѓаните потсетуваат дека поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски лани беше сменет од функцијата зашто не сакаше да прими „рамковни вработени“ без квалификации, а премиерот Зоран Заев тогаш рече дека се работи за „пркос кој не е дозволен“.

Автобусот на Беса транс, кој изгоре во Бугарија во ноември минатата година, при што животот го загубија 45 патници, исто така немал лиценца за меѓународен превоз на патници, но редовно возел туристички тури надвор од земјава.

Ако на граница се излегува за 20 евра мито по патник, како што покажа истражувањето на албанската телевизија ТВ Клан, тогаш автобусот ќе можел да излезе и без сообраќајна дозвола, а не само лиценца.

Албанската телевизија Клан пред неколку дена во емисијата „Стоп“ објави видео на кое се гледа како раководителот на смена на граничниот премин Блаце зема 120 евра мито од државјани на Албанија кои ја минуваат границата. Новинарот на ТВ Клан, во улога на патник, плати 120 евра за цариникот да пропушти шест албански државјани без никакви проверки.

Претходно албански превозник се обратил до телевизијата со информации дека на граничниот премин Блаце македонски полицајци постојано му бараат поткуп за нешто што треба да биде бесплатна услуга.

По автобуската несреќа кај Ласкарци во февруари 2019, во која загинаа 16 луѓе, а 37 беа повредени, беше утврдено дека фирмата Дурмо турс сама на себе си правела технички преглед на возилата, односно тоа го правела друга фирма на истиот сопственик. Сè уште нема судски епилог за сообраќајната несреќа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG