Русија напаѓа цели во Украина далеку од линијата на фронтот

Жителите гледаат во запалена зграда по руски воздушен напад во центарот на Краматорск, источна Украина, 19 јули 2022 година

Најмалку едно лице загина при денешниот напад од страна на руските сили во центарот на источниот украински град Краматорск, изјави шефот на регионалната администрација на Доњецк, Павло Кириленко.

Тој рече дека нападот предизвикал силни експлозии и пожар во станбена зграда.

Руските сили продолжуваат со нападите врз украинските градови, а официјален Киев тврди дека рамнотежата на бојното поле полека се менува оти нивните сили добиле модерно западно оружје.

Украинските власти изјавија дека очекуваат Краматорск да стане еден од градовите што се во фокусот на руската офанзива во источна Украина. Во градот пред инвазијата живееја повеќе од 150.000 жители. Краматорск е еден од ретките градови на индустрискиот исток кој сè уште е под украинска контрола.

Киев ги обвини руските сили дека ги интензивирале нападите врз цели далеку од фронтот, при што загинале голем број цивили. Москва вели дека погодува воени цели.

Руски ракети претходно ги погодија пристанишниот град Одеса и источниот град Торецк, соопштија регионалните власти.