Украина тврди дека Русија се спрема за следната фаза од офанзивата

Портпаролот на украинското воено разузнавање, Вадим Скибицки изјави денеска дека Русија се подготвува за следната фаза од својата офанзива во Украина.

„Не се само ракетни напади од воздух и море. Можеме да видиме гранатирање долж целата линија на контакт, по целата линија на фронтот. Има активна употреба на тактичка авијација и хеликоптери за напад. Навистина има одредено активирање на непријателот долж целата линија на фронтот. Јасно е дека сега се подготовките за следната фаза од офанзивата“, изјави тој.

Британското Министерство за одбрана денеска соопшти дека Русија ги зајакнува своите одбранбени позиции низ областите што ги окупира во јужна Украина. Москва вчера објави дека ќе ги засили своите воени операции во Украина.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу даде „инструкции за понатамошно интензивирање на акциите на единиците во сите оперативни области, со цел да се исклучи можноста режимот на Киев да изврши масовни ракетни и артилериски напади врз цивилната инфраструктура и жителите на населбите во Донбас и другите региони“. соопшти Министерството за одбрана.

Украина соопшти дека најмалку 40 луѓе се убиени во руското гранатирање на урбаните области во последните три дена.