Османи утре во Софија ќе го потпише протоколот со Бугарија

Министерот Бујар Османи

Билатералниот протокол помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија ќе биде потпишан утре во Софија, соопштија вечерва на брифинг од македонското МНР. Воедно ќе биде одржан и вториот состанок на мешовитата меѓувладина комисија на двете земји кој ќе започне во девет часот по македонско време, а одржувањето е согласно членот 12 од Договорот за добрососедство од 2017 година. Од македонското МНР соопштија дека веднаш по неговото потпишување протоколот ќе биде јавно објавен.

Со потпишување на протоколот од страна на министерите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска се отвора патот за одржување на првата меѓувладина политичка конференција на С.Македонија и ЕУ.

Ова следи откако денеска Собранието со 68 гласа „За“ ги усвои заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Потоа на владина седница беше донесена одлука за прифаќање на францускиот предлог.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по седницата рече дека државата има преговарачка рамка во која се заштитени македонскиот јазик и идентитет, а историските прашања се надвор од истата. Ковачевски додаде дека првата меѓувладина конференција на С.Македонија и ЕУ ќе се одржи на 19 јули во Брисел.

По гласањето лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција информираше дека 44 пратеници од опозициската партија се потпишале на нотар дека нема да гласаат за измените на Уставот, односно за внесување на Бугарите во него.

Првата меѓувладина политичка конференција е првата фаза од почетокот на пристапните преговори со ЕУ кои по кластери ќе почнат откако ќе се промени Уставот со внесување на бугарското малцинство во Преамбулата.

Информација за содржината на Нацрт-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија беше предложена од француското претседателство на Советот на Европската Унија на 30 јуни.