Вечерва нов протест: ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции за јазикот, за власта со предлогот се затвора темата за идентитетот

Протести во Скопје против францускиот предлог за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

По два дена пауза, вечерва во 19 часот пред Владата ќе се одржи нов протест под мотото „Против бугаризација на Македонија“, односно против прифаќањето на францускиот предлог за почнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во денешниот повик за протестот наведе дека нема да дозволи и поддржи предлог кој е на штета на Македонија.

Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на месецов го отфрли предлогот и повика на протести, на кои во некои денови минатава седмица ситуацијата ескалираше, со фрлање јајца, камења и други предмети кон Владата и Собранието, но потоа страстите се смирија.

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека претседателот на партијата Христијан Мицкоски бара цврсти гаранции од Софија за македонскиот јазик.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека последниот европски предлог ќе значи крај на „сите идентитетски премрежја на македонскиот народ кои со векови наназад ги преживувал.“

„Во ЕУ ќе бидеме Македонци кои говорат македонски јазик. Вие ќе бидете Македонци, Македонки, во ЕУ ќе биде официјален македонскиот јазик. Со ова се затвора еднаш за секогаш темата со идентитетот. Никој повеќе не може да ве оспорува, да ве негира, да ве омаловажува“, рече Ковачевски во обраќање на летен камп организиран од СДММ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „СДСМ го лаже народот“ и дека „на мала врата“ сака да протурка предлог кој е спротивен на македонските национални интереси.

Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков денеска изјави дека предлогот на француското претседателство е ислучително добар за Софија кој направил бугарските позиции да станат и европски.

Тој вели дека во Северна Македонија во моментов е многу тешко да се прифатат тие позиции, но вели дека земјава тоа треба да го направи и да избере европски пат.