Блинкен - Руската блокада на украинското жито придонесе за превирањата во Шри Ланка

Архивска фотографија - американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Руското ограничување на украинскиот извоз на жито е можно да придонесе за превирањата во Шри Ланка, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен и изрази загриженост дека тоа може да доведе до други кризи на други места во светот.

Блинкен ги повтори повиците кон Русија да дозволи околу 20 милиони тони жито да ја напуштат Украина, земја која Москва ја нападна во февруари.

„Она што го гледаме ширум светот е зголемена несигурност во храната, која е значително влошена од руската агресија врз Украина“, изјави денеска Блинкен за новинарите во Бангкок.

Шри Ланка е островска држава во Индискиот Океан којашто е зафатена од неколкунеделни превирања предизвикани од големиот недостиг на храна и гориво.

Милиони тони украински житарки годишно се извезуваат во Африка, Блискиот Исток и други делови од светот. Но, извозот е запрен бидејќи руската морнарица ги блокира пристаништата на Украина во Црното Море.