Финска ја зајакнува границата со Русија

Руско-финска граница, илустрација

Финска почна со зацврстување на својата граница со Русија откако пратениците одобрија поставување бариери и дозволија затворање на целата граница долга 1.300 километри во вонредни околности.

Гласањето во парламентот на Финска на 7 јули доаѓа откако земјата брзо се приближува до членството во НАТО и го отфрли деценискиот неутрален статус како резултат на руската инвазија на Украина.

Законот, кој беше одобрен со големо мнозинство ѝ дава на владата овластување да гради огради или бариери долж финската граница. Тој, исто така, ограничува сите барања за азил да се обработуваат на одредени гранични премини, како што се аеродромите.

Финска, заедно со Шведска, добија формално одобрение од НАТО за приклучување во јуни. Сега, секоја од 30-те земји-членки на Алијансата мора да го ратификува пристапниот протокол, нешто што веќе е во процес во многу земји.

Јавното мислење и во Финска и во Шведска целосно се сврте во корист на членството во НАТО откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Русија гневно ги осуди потезите на Стокхолм и Хелсинки и упати нејасни закани.

Поради ова, некои земји-членки се залагаат за брз пристап, велејќи дека двете скандинавски земји се изложени на ризик за време на периодот на пристапување што води до нивна заштита според член 5 од договорот за алијансата на НАТО, кој предвидува дека напад врз една земја-членка е напад на сите.