Бугарија добива 11 милијарди евра европски пари за еколошка и дигитална транзиција

Илустративна фотографија

Европската комисија и доделува на Бугарија 11 милијарди евра за екологија, инфраструктура, вработување и аквакултура според договорот за партнерство за периодот 2021-2027 година, соопшти постојаното претставништво на земјата во Брисел.

Со договорот се дефинира инвестициската стратегија на Бугарија во областа на кохезионата политика за периодот 2021-2027 година, односно овие пари ќе ја промовираат економската, социјалната и територијалната кохезија во бугарските региони и ќе помогнат за спроведување на главните приоритети на ЕУ, како што се еколошката и дигиталната транзиција.

Овие средства, исто така, ќе ги поддржат политичките области каде Бугарија има потенцијал да постигне напредок и да ги намали регионалните разлики во нивната земја.

Притоа, 2,4 милијарди евра ќе се користат за постигнување на целите за климата, 600 милиони евра за раст на обновливите извори на енергија, но и за рециклирање на 70% од целиот отпад од пакување. Планирано е да се издвојат и 4,2 милијарди евра за инфраструктура, како за изградбата на тунелот „Шипка“ под Стара планина, кој значително ќе го скрати патот од Северна Европа до Грција и Белото и Средоземното Море.