Бирн - Нема подобар предлог на располагање

Министерот за европски прашања на Ирска, Томас Бирн и финската министерка за европски прашања Тити Тупураинен во посета на Скопје

Покажавте дека сте посветени на тешкиот реформски процес што е во тек. Сакаме преговорите и пристапувањето да се случат што е можно побргу. Во моментов сте соочени со навистина важна одлука и јас лично сум многу возбуден од можноста Северна Македонија да стане членка на Европската Унија, изјави министерот за европски прашања на Ирска, Томас Бирн на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и финската министерка за европски прашања Тити Тупураинен.

„Јас доаѓам од земја од којашто не ни беше дозволено да зборуваме на ирски јазик долги години и со членството во ЕУ, нашиот јазик доби навистина еден извонреден статус. Сигурен сум дека тоа ќе биде случајот и со македонскиот јазик. Тоа што сакам да кажам е дека нашиот идентитет како нација беше зајакнат со членството и ни даде храброст и сите тие знамиња што се во ЕУ претставуваат земји што се еднакви и тоа е она што ние го вреднуваме во Унијата“, истакна Бирн.

Тој порача дека македонскиот јазик и идентитет се заштитени со предлогот, а ќе бидат и зајакнати со членството во Унијата.

Тој посочи дека кога Ирска станала дел од европската заедница имале милион вработени, додека според податоците од минатата година, таа бројка денес е 2,5 милиони вработени.

На прашањето како би ја оцениле преговарачката рамка, финската министерка за европски прашања Тити Тупураинен порача дека целосно се почитува македонската култура, јазик и идентитет.

Министерот за европски прашања на Ирска порача дека со овој предлог се заштитени македонскиот јазик и идентитет и со ова се оставаат сите билатерални прашања надвор од преговарачката рамка.

Вицепремиерот Маричиќ рече дека би била вистинска штета и за државата и за идните генерации овој момент да го пропуштиме сметајќи дека ќе добиеме во иднина можеби подобар предлог. Не би било одговорно да се одбие предлог во кој сме ги постигнале барањата со надеж дека ќе ни се понуди друг. Напротив, секое одлагање и губење време ни отвора можност за нови дневнополитички случувања, рече Маричиќ.