Асанж поднесе жалба на одлуката за екстрадиција во САД

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж поднесе жалба до Високиот суд во Лондон да ја блокира неговата екстрадиција во САД.

Американските власти го бараат 50-годишниот Асанж по 18 точки, вклучително и обвинение за шпионажа, поврзани со објавувањето на огромни количини доверливи американски воени досиеја и дипломатски телеграми на Викиликс, за кои Вашингтон вели дека довеле во опасност животи.

Минатиот месец, британската министерка за внатрешни работи Прити Пател ја одобри неговата екстрадиција во САД. Нејзината канцеларија соопшти дека британските судови донеле одлука дека екстрадицијата на Асанж не е некомпатибилна со неговите човекови права и дека тој ќе биде соодветно третиран.

Адвокатскиот тим на Асанж ја обжали одлуката до Високиот суд, потврди неговиот брат Габриел Шиптон. Судот мора да ја одобри жалбата, но правниот случај најверојатно ќе се одолговлекува со месеци.

„Ја повикуваме и австралиската влада веднаш да интервенира во случајот за да се стави крај на овој кошмар“, изјави Шиптон за Ројтерс, бидејќи Џулијан е роден во Австралија.

Соединетите Држави го бараат Асанж поради објавување доверливи воени документи и дипломатски телеграми, а се соочува со 18 обвиненија, вклучително и шпионажа.

Во 2010 година, неговиот Викиликс објави стотици илјади дипломатски документи и досиеја кои откриваат воени злосторства извршени од американските војници за време на воените операции во Авганистан и Ирак.

Соединетите Држави велат дека протекувањето на податоците го прекршило законот и претставувало закана по живот, додека Асанж верува дека случајот е политички мотивиран.

Асанж, кој негира дека сторил какво било кривично дело, е во лондонскиот затвор Белмарш од 2019 година. Тој беше уапсен откако беше исфрлен од амбасадата на Еквадор во Лондон поради прекршување на условите за кауција.