Украина од следниот месец воведува визи за Русите

Илустративна фотографија

Руските граѓани од 1 јули ќе мора да добијат виза за влез во Украина, најави шефот на украинската гранична служба Серхи Дејнеко.

Тој рече дека „безвизното патување е привилегија за граѓаните на развиените демократии кои ниту убиваат цивили, ниту го загрозуваат суверенитетот на соседните нации“.

Министерството за надворешни работи претходно објави дека Русите можат да аплицираат за визи во осум градови низ Русија: Москва, Санкт Петербург, Екатеринбург, Калининград, Казан, Новосибирск, Ростов на Дон и Самара, во канцелариите на компаниите „VFS Global“.

Апликациите ќе ги обработуваат украинските дипломатски претставништва во други земји, бидејќи Украина ги прекина дипломатските односи со Русија откако Москва ја започна инвазијата на 24 февруари.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средината на јуни изјави дека потегот за воведување визи за Русите е направен „за да се спротивстави на невидените закани за националната безбедност на Украина“.

Руското Министерство за надворешни работи најави дека ќе одговори на оваа мерка.