Мицкоски го одби францускиот предлог

Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му рече „Не, благодарам“ на т.н. францускиот предлог кој вчера беше доставен до владата, на самиот крај на француското претседавање со ЕУ.

Предлогот Мицкоски го нарече ултиматум за иднината на Македонија и „диктат за мегаломански барања и историски аспирации за Македонија“.

Ковачевски – Францускиот предлог е поволен и ги вклучува нашите забелешки

„Предлогот кој е на маса и кој Владата го криеше, а до кој дојдовме ние по наши канали, всушност е истиот кој еднаш беше одбиен, и со жалење морам да констратирам дека овој предлог ги содржи сите бугарски барања и во делот на јазикот и во делот на историјата и во делот на идентитеот. Прифаќањето на ваквиот предлог подразбира целосно право на Бугарија да менува учебници и да ги пишува согласно бугарскиот диктат“, истакна Мицкоски. Тој повика на протести против овој предлог за утре во 19 часот.

Претходно премиерот Димитар Ковачевски пак, на прес конференција истакна дека во францускиот предлог се вклучени нашите забелешки, како и дека позицијата во која се наоѓаме е многу поповолна за нас.

Францускиот предлог е европски документ кој треба да доведе до укинување на двегодишното бугарското вето за македонските евроинтеграции. Македонија е кандидатка за членство во ЕУ од 2005 година, ама се уште ги нема почнато преговорите за влез во Унијата.