Во пензија заминуваат 52 судии и обвинители, откако Собранието не изгласа продолжување на работниот век

Илустративна фотографија

Вкупно 42 судии и 10 јавни обвинители над 62 или 64 од денеска се во пензија. Како што информираа за МИА од Советот на јавни обвинители и Советот на судии на Република Северна Македонија, денеска биле донесени одлуки со кои се констатирал престанок на нивната функција поради исполнување на условите за пензија.

Собранието вчера не ги изгласа измените на Законот за работни односи со кои работниот век на судиите и јавните обвинители требаше да биде продолжен за 3 години, а токму вчера беше последниот рок за гласањето, кое не стигна до пленарната седница поради интерпелацијата за собранискиот спикер, Талат Џафери.

Од Судскиот Совет велат дека со ова се испразнуваат местата, а претседателите на судовите се должни да направат прераспределба. И од Советот за јавни обвинители појаснуваат дека предметите на 10-те обвинители кои заминуваат во пензија дополнително ќе бидат распоредени. На денешната седница тие донеле одлука за назначување на јавниот обвинител Пецо Везироски за ВД јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола, како и на јавниот обвинител Марјана Илиеска за ВД јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Прилеп.

Министерот за правда, Никола Тупанчески, вчера изјави дека престанокот на работниот однос на судиите и јавните обвинители може да доведе до сериозни последици, а одењето во пензија на судиите и јавните обвинители ќе значи дека голем дел од постапките ќе треба да почнат одново.