Достапни линкови

Џафери останува на функцијата, Собранието не ја прифати интерпелацијата


Претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторот на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски (Комбо фото)
Претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторот на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски (Комбо фото)

Собранието не ја прифати интерпелацијата за работата на претседателот на Собранието Талат Џафери, со што тој останува на функцијата. За интерпелацијата гласаа 43 пратеници, додека против беа 61. Воздржани немаше.

Расправата на седницата за интерпелација на претседателот на Собранието Талат Џафери, која ја поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, траеше цел ден и помина со многу обвинувања меѓу пратениците на власта и опозицијата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваа Џафери дека несовосно ја извршувал функцијата и дека при неговото работење како собраниски спикер, еклатантно го прекршувал Уставот и собранискиот Деловник.

Џафери одговори дека законски и деловнички ги водел седниците и дека спорното затворање на собраниските врати било во функција на утврдување на фактичка состојба во Собранието.

По гласањето, Џафери им се заблагодари на пратениците, на оние кои гласале против интерпелацијата, но и на оние кои гласале „За“, додавајќи дека одговорно и совесно ќе продолжи да ја врши работата претседател на Собранието.

„Повторно ќе кажам дека со моите постопки нема да дозволам да се узурпира овој дом“, рече Џафери.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа рекоа дека интерпелацијата е поднесена, бидејќи Џафери во изминатиот период одобрил Паралемнот да се претвори во гласачка машина на криминалните зделки на Владата. Џафери на тоа одговори дека опозициските пратенци прво треба „да се погледнат во огледало“ пред него да го обвинуваат за кршење на закони.

Џафери пред почнувањето на седницата за интерпелација образложи дека „паднале во вода“ сите шпекулации дека поради немање кворум ќе било избегнато одржувањето на седницата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека смета оти Џафери не ја сфатил пораката за интерпелацијата, бидејќи припадниците на владејачкото мнозинство живееле во паралелен нереален свет.

„Собранието во изминативе пет години беше претворено во машина за гласање на криминалните зделки на Владата, а вие сето тоа го одобрувавте. Поминуваат закони во скратени постапки, се повикувате на европски знаменца, дозволувате да поминат одредени работи коишто немаат никаква допирна точка со ова“, рече Мицевски.

Тој додаде дека Џафери ги спречувал претениците да спроведуваат соодветна контрола врз работата на Владата, меѓу другото, со тоа што одредени интерпелации на владини функционери поднесени од опозицијата, биле ставани како последни точки на дневен ред на седниците, кои никогаш не биле отворани.

Џафери одговори дека Мицевски го навредувал на лична основа, но дека тој нема да се спушти на тоа ниво. Тој рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го обвинувале дека ги затворал вратите на пленарната сала за да се пребројат присутни пратеници, но дека за разлика од тоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ своевремено ги отворале собраниските врати, алудирајќи на настаните од 27 април 2017 година.

Во однос на обвинувањата на опозицијата дека како претседател на Собранието не работел согласно Уставот и собранискиот Деловник, Џафери одговори дека Државниот завод за ревизија на негово барање извршил ревизија на работата на Собранието и дека во ревизорските извешти не била констатирана незаконска работа.

„Можете да ми ги дадете сите епитети, но и натаму ќе продолжам да работам во насока на заштита на интегритетот на институцијата Претседател на Собранието“, рече Џафери.

Интерпелацијата за работата на Џафери опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе на 30 мај оваа година.

Опозициските пратеници наведоа дека Џафери нестручно и несовесно претседавал со македонското Собрание.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков рече дека наместо пратениците да разговарале за тоа до каде власта ја довела државата, Џафери со противзаконско работење се поставувал како штит за заштита на Владата која имала само криминални интереси.

Инаку, седницата траеше еден цел работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавени пратеници за збор, а со неа претседаваше потпретседателот на Парламентот Горан Мисовски.

И други пратеници на ВМРО-ДПМНЕ денеска од собраниската седница го обвинија Џафери дека, освен што го прекршувал Деловникот, во ревизорските извештаи било наведено и дека имало трошење на пари од страна на Собранието за намени кои не биле законски предвидени.

Џафери одговри дека сите финансиски трошоци во Собранието се јавни и дека до тие податоци има пристап целата јавност.

Пратениците од владејачкото мнозинство застанаа во одбрана на работата на Џафери, како пратеничката на ДУИ Арта Биљали Зендели, која на опозициските пратеници им реплицираше дека тие на седниците за интерпелација се однесувале агресивно, а дека кога тие го воделе Собранието во минатото, ги исфрлале надвор нивните колеги и дека денеска не го почитувале Собранието и етичкиот кодекс.

Пратеникот од владејачкото мнозинство Јован Митрески пред крајот на расправата рече дека во услови на криза власта и опозицијата во цел свет се обидувале да бараат решенија за проблемите, а дека само македонската опозицијата се однесувала деструктивно.

Инаку, во текот на минатата година беа поднесени неколку интерпелации во Собранието кои не беа изгласани. Во ноември опозицијата поднесе интерпелација за Владата, откако БЕСА ја напушти владејачката коалиција, но соборувањето на власта не беше успешно, бидејќи во последен момент пратеникот Кастриот Реџепи одлучи „да смени страна“.

Во јули минатата година, Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација за Џафери, но собраниските служби им ја вратиле на поднесувачите поради тоа што не го употребиле новото уставно име – Северна Македонија.


Во април 2021 година не беше изгласана интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелации и за поранешниот министер за здравство Венко Филипче, како и за тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ, кој сега е вицепремиер за евроинтеграции, и за поранешниот вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, кој сега е министер за земјоделие. Овие интерпелации не дојдоа на дневен ред додека премиерот Зоран Заев не се повлече, а со тоа падна и целата негова влада.

Во август 2020 имаше интерпелација за тогашниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров, но ни таа не помина.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG