Бајден: САД ќе испрати дополнителни 765 милиони евра помош за Украина

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека Вашингтон во наредните денови ќе објави испраќање на 800 милиони долари (765 милиони евра), дополнителна помош за Украина за оружје и дека НАТО се трансформирал прилагодувајќи се на новата безбедносна ситуација.

„Ќе ја поддржиме Украина колку што е потребно“, изјави Бајден на затворањето на самитот на НАТО во Мадрид, пренесува Ројтерс.

На самитот, администрацијата на Бајден ги објави плановите за трајно зајакнување на американското воено присуство во Европа, беше постигнат договор меѓу Турција, Финска и Шведска за да се отвори патот на нордиските нации да се приклучат на Алијансата, додека НАТО го промени својот стратешки концепт со назнака дека „кинеската политика на принуда“ е предизвик за интересите на западниот блок.

Бајден истакна дека последниот пат кога НАТО го ажурираше својот стратешки концепт, Русија беше окарактеризирана како партнер, а во документот дури и не се споменува Кина, пренесува АП.

„Светот многу се промени оттогаш“, рече Бајден на прес-конференција.

Бајден вели дека „Алијансата денес е повеќе потребна отколку што некогаш била“. Тој додаде дека НАТО ќе се зајакне во сите правци и во секој домен - копно, воздух и море.