Холандските земјоделци го пробија полицискиот кордон пред куќата на министерката за животна средина

Протест на холандски фармери

Земјоделците, кои протестираат против новите предложени еколошки регулативи во Холандија, со трактор го пробија полицискиот кордон пред куќата на министерката за животна средина Кристијана ван дел Вал-Зехелинг доцна синоќа.

Во инцидентот кој се случи во градот Хиерден, источно од Амстердам, беше оштетено полициско возило и истурена цистерна со кашеста материја, објави синоќа полицијата на Твитер. Опишувајќи ја ситуацијата како заканувачка и неприфатлива, полицијата соопшти дека биле поминати сите граници.

По кратко време протестот бил вратен под контрола, а министерката не била дома во време на инцидентот, изјавил нејзиниот портпарол за новинската агенција АНП.

Претходно, земјоделците протестираа пред холандскиот парламент во Хаг со десетици трактори и две крави против владиниот план за намалување на штетните емисии.

Како и во понеделникот, блокадите на патиштата предизвикаа големи сообраќајни застои во делови од земјата. Земјоделците исто така запалија многу сено на страна од автопатот, па чадот сериозно ја намали видливоста за возачите.

Премиерот Марк Руте ги осуди постапките на демонстрантите.

„Во оваа земја не е прифатливо да се создаваат опасни ситуации, да се блокираат патишта и да се заплашуваат политичари“, рече Руте во Хаг.

„Ова отиде предалеку“, рече тој.


Според новиот предлог, Холандија планира да ги намали емисиите за 70 отсто во заштитените области. Според проценките на холандската влада, ова може да доведе до затворање на 30 отсто од сточарските фарми, со оглед на огромната улога на земјоделството во производството на азотни емисии.