Двајца убиени во престрелка во банка во Канада, шестмина полицајци ранети

Архивска фотографија - Полицајци патролираат по улица во Канада

Канадската полиција убила две лица за време на вчерашната престрелка во банка во Британска Колумбија, шестмина полицајци се ранети, а околните домови биле евакуирани, откако била откриена можна експлозивна направа, соопшти полицијата.

Инцидентот се случил во Банката на Монтреал во градот Саанич на Островот Ванкувер, во близина на границата со САД.

Двајцата убиени биле „тешко вооружени“, а првичните извештаи сугерираат дека носеле панцири, изјави шефот на полицијата во Саанич, Дин Дати на прес-конференција, додавајќи дека нема дополнителни информации за нив.

Шестмина полицајци се пренесени во болница со прострелни рани.

„Во овој момент очекуваме некои полицајци да бидат пуштени на домашно лекување откако ќе им биде укажана помош, додека други кои се здобија со многу сериозни повреди се однесени на операција“, рече тој.