Расте бројот на жртви при нападот на трговски центар во Украина

Трговскиот центар во централниот украински град Кременчук.

Бројот на загинатите во рускиот ракетен напад врз преполн трговски центар во централниот украински град Кременчук се искачи на најмалку 18 лица, а најмалку 60 се повредени, изјави регионалниот гувернер Дмитро Лунин. Тој вели дека 36 лица се водат како исчезнати. Во моментот на нападот во трговскиот центар имало повеќе од 1.000 луѓе, соопштија властите.

Лунин денеска на Телеграм напиша дека пораснал бројот на жртви од вчерашниот напад. Операциите за спасување и за чистење во Кременчук продолжиле и во текот на ноќта. Тој рече дека трговскиот центар бил „целосно уништен“ од ракетниот напад.

Украина ја обвини Русија за нападот, велејќи дека биле користени проектили воздух-земја истрелани од бомбардери со долг дострел Ту-22.

Во меѓувреме продолжуваат борбите за контрола на градот Лисичанск, последното украинско упориште во источниот регион Луганск. Шефот на регионалната воена администрација, Серхи Хаидеј, рече дека украинските сили сè уште го контролираат Лисичанск, но неговата загуба е можна бидејќи Русија вложува ресурси во борбата.

Русија, исто така, го гранатираше Харкив, вториот по големина град во Украина, при што се погодени станбени згради и основно училиште, рече регионалниот гувернер. Во гранатирањето загинаа пет лица, а 22 беа ранети, меѓу кои и деца, рече гувернерот.