Литванија е мета на хакерски напади

Илустрација

Министерството за одбрана на Литванија денеска соопшти дека државни и приватни интернет страници во земјата денеска биле привремено соборени поради хакерски напад.

Одговорноста наводно ја презела проруска хакерска група.

Врз обезбедената национална мрежа на податоци бил извршен ДДоС напад.

Нападнатите интернет страници биле вратени во функција по неколку часа.
Инцидентот се случува една недела откако руски претставници се заканија со реакција, зашто Литванија го ограничи транзитот на стоки од Русија кон нејзината ексклава Калининград.

Москва ја обвини Литванија и ЕУ за кршење на меѓународните договори и се закани со „недипломатски“ одговор. Локалните власти во Литванија предупредија дека веројатно ќе следат хакерски напади.