Најмалку 155 деца загинале во земјотресот во Авганистан

Урнатини од земјотресот во Авганистан.

Најмалку 155 деца загинале во земјотресот што го погоди југоисточен Авганистан минатата недела, соопшти организацијата за хуманитарна координација на Обединетите нации, OЦХА, во соопштение објавено на 26 јуни.

Во соопштението се наведува дека уште 250 деца се повредени во земјотресот со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала.

Земјотресот минататанедела ги погоди планинските села во провинциите Пактика и Хост во близина на границата на Авганистан со Пакистан, срамнувајќи илјадници домови и предизвикувајќи лизгање на земјиштето.

Повеќето од децата што загинале се од тешко погодената област Гијан во Пактика.

Авганистанските талибански власти соопштија дека вкупниот биланс на загинати во земјотресот е 1.150, а стотици други се повредени.

ОН, пак излегоа со малку пониски бројки на загинати, околу 770, иако предупредија дека бројката сепак може да се зголеми.
Дополнително, 65 деца наводно останале сираци или останале без придружба како резултат на катастрофата, додаде OЦХА.

Земјотресот уште повеќе ги истакна слабостите на тврдокорната авганистанска влада. Владата предводена од талибанците е во меѓународна изолација поради кршењето на човековите права. Талибанците дојдоа на власт во август лани, откако меѓународните трупи предводени од САД се повлекоа и авганистанската влада поддржана од ОН пропадна во август.

Детската агенција на ОН на 27 јуни соопшти дека работи на повторно обединување на децата кои биле одвоени од нивните семејства во хаосот од земјотресот.