ССМ со штрајк пред Министерството за финансии

Претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Членовите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска на трет ден од генералниот штрајк на вработените во јавниот сектор протестираа пред Министерството за финансии. Тие бараат линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник.

„Денеска сме пред Министерството за финансии каде бараме од целото Министерство вклучително и од службите да го вметнат нашето барање за линеарно зголемување од 2806 денари за секој работник, сакаат преку амандманот поднесен од ССМ во Собранието на Македонија, сакаат преку Општиот колективен договор за јавниот сектор, бидејќи гледаме и денеска се состанува РКЕ за да ја покачи струјата од 1 јули. Затоа, ова што го зборуваме денеска навистина е неопходно. Апелираме до министерот за финансии да го прифати нашето барање“, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски.

ССМ најави дека штрајкот продолжува, а во понеделник органите на Синдикатот ќе одлучат кои ќе бидат дополнителни активности. Во меѓувреме останува онаа одлука дека вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места но нема да извршуваат работни задачи, освен 10 проценти од вработените кои ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните.