Бугарското Собрание ја започна расправата за предлогот-одлуката за Северна Македонија и Албанија за преговарачка рамка со ЕУ. Претходно пратениците гласаа предлог- одлуката да биде ставена како прва точка на дневниот ред. Од присутните 229 пратеници за точката гласаа 210, а 11 беа против.
Тошко Јорданов од партијата ИТН на Слави Трифонов го повика бугарскиот претседател Румен Радев да ги декласифицира документите од неговиот Национален советодавен совет претходно оваа година за да се види што тогаш рекол премиерот во оставка Кирил Петков.
Според локалните медиуми во Софија, во Собранието е формирана ситуациона коалиција за прашањето со Северна Македонија, која има 174 гласа.
Бугарската собраниска комисија за надворешни работи синоќа го усвои предлогот на лидерот на владината коалициска партија „Демократска Бугарија“ Христо Иванов со кој се бара бугарската влада во оставка да го одобри таканаречениот „француски предлог“ за решавање на спорот со Северна Македонија, но само доколку се измени за да се исполнат одредени услови. Комисијата ги отфрли другите два предлога, поднесени од ГЕРБ-СДС и од ДПС.
Бугарија го блокира пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ од ноември 2020 година поради културни и историски спорови. Меѓутоа, во последните денови се појави нов договор: две опозициски партии, меѓу кои и онаа на поранешниот премиер Бојко Борисов, ги преиспитаа своите позиции и се согласија да го укинат ветото под одредени услови.