Достапни линкови

Макрон – Мислам дека сме блиску до договор со Бугарија и Северна Македонија


Loop Video - EU Samit 1.mp4

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се чека конечната одлука на бугарскиот парламент за предлогот со кој ќе се одблокира ветото за пристапни преговори за Северна Македонија со ЕУ . Тој на прес конференција по Самиот на ЕУ во Брисел истакна дека верува дека се блиску до договор за Скопје и Тирана да продолжат напред кон преговори. Во меѓувреме, Украина и Молдавија добија статус на земји кандидати за членство во ЕУ.

Блиску сме до договор, во наредните неколку часа ќе се разговара со Северна Македонија за да се финализира договорот, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон на новинарско прашање за коментар на Самиот на ЕУ со Западен Балкан. Тој изјави дека Македонија досега направи историски чекори, како менувањето на името и уставот, а сега земја членка на ЕУ повторно бара измени.

„Не можеме да се преправаме дека тоа не постои. Дали е фер кон Македонија, морам да кажам дека не е. Затоа ние направивме толку притисок врз Бугарија во изминативе месеци. Тоа резултира со политичката криза која настана неодамна во Бугарија. Не можеме да се правиме дека тоа не се случува“, изјави Макрон.

Тој посочи дека во Бугарија има политичка криза, но ги поздрави и напорите на бугарскиот премиер за се што е досега сторено од негова страна.

„Мислам дека сме многу блиску до договор. Направивме предлог, работевме многу блиску заедно. Тоа ни дозволи да ги вметнеме бугарските барања кои се компатибилни со она што може Македонија да направи, но очигледно е прашање на видливост и градење на доверба во наредните неколку часа, кон тоа што е договорено, ќе има гласање во бугарскиот парламент и се потпирам на сите политички чинители во Бугарија да го поддржат ова. Претседателот на Републиката ќе мора да покаже посветеност тука. Партиите во сегашното владејачко мнозинство, како и тие кои го напуштија, како и тие во опозиција треба да гласаат. Во наредните неколку часа ќе разговараме со Северна Македонија за да го финализираме договорот. Сега се се движи напрeд и се надевам дека следната недела ќе имаме состаноци со кој процесот би отишол напред, Северна Македонија и Албанија би тргнале напред“, изјави Макрон.

Мишел изјави дека при денешната средба со лидерите од Западен Балкан имале шанса да покажат дека ЕУ останува посветена на процесот за проширување.

„Постои недоразбирање меѓу Северна Македонија и Бугарија, и ние навистина се трудиме да изнајдеме решение. Бугарскиот парламент треба да донесе одлуки во наредните неколку саати, со кои се надеваме дека ќе можеме да го ослободиме процесот за преговори со Северна Македонија, но и со Албанија која е директно засегната од оваа дебата“ изјави Мишел.

Бугарската собраниска комисија го поддржа францускиот предлог, но со измени

Во меѓувреме во бугарската собраниска комисија за надворешни работи е усвоен предлогот на лидерот на владината коалициска партија „Демократска Бугарија“ Христо Иванов со кој се бара бугарската влада во оставка да го одобри таканаречениот „француски предлог“ за решавање на спорот со Северна Македонија, но само доколку се измени за да се исполнат одредени услови.

Ова е одлука донесена од Комисијата за надворешна политика во бугарскиот парламент со гласовите на пратениците од „Продолжуваме со промената“ , ГЕРБ, МРФ и „Демократска Бугарија“ . За одлуката мора да се гласа и на пленарна седница. За овој предлог утре треба да се изјасни и Народното Собрание, односно, дали ќе ѝ даде мандат на владата во оставка да ја одобри преговарачката рамка за отварање на преговорите на Македонија со ЕУ.

„Француската понуда е најдобрата што ја добивме досега. Најдобар е во споредба со португалскиот и германскиот. Ова го изјави министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска. Таа посочи дека францускиот предлог за решавање на спорните прашања со РСМ може да важи до крајот на француското претседателство. Не можам да се посветам на тоа што ќе понуди чешкото претседателство“, изјави министерката во оставка за надворешна политика Теодора Генчовска.

По европско-балканскиот самит бугарскиот премиер Кирил Петков, во Брисел изјави дека денеска се воделе многу тешки разговори и имало „страшно очекување“ дека Бугарија ќе го крене ветото за Македонија.

„Некои од барањата поврзани со францускиот предлог се многу тешки за прифаќање на Република Северна Македонија. Но, она што стана јасно е дека тоа веќе не се само барања на Софија, туку барања на Европа. Односно, ние можевме да објасниме причините зошто овие работи што ги сакаме мора да се случат“, изјави Петков од Брисел.

Украина и Молдавија добија статус кандидати , Македонија и Албанија на „чекање“

Проширувањето на ЕУ е клучната тема на дводневниот самит во Брисел. Засега овој самит донесе само статус на кандидати за членство во Унијата за Украина и Молдавија.

„Историски момент. Денешниот ден е клучен чекор на вашиот пат кон ЕУ“, напиша претседателот на Европскиот Совет Мишел на Твитер.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски го поздрави статусот на Украина за членство во ЕУ како „историски“.

Украина поднесе барање за членство во ЕУ помалку од една недела по инвазијата на Русија на 24 февруари. Одлуката на водачите на 27-члениот блок да и дадат кандидатски статус на Украина беше некарактеристично брза за ЕУ. Но, војната и барањето на Украина за брзо разгледување и дадоа итност на нејзината кауза.

Но не донесе вести за земјите од Западен Балкан, односно до сега нема одлука за одржување на првата меѓувладина седница на Брисел со Скопје и Тирана.

Пред одржувањето на овој состанок на земјите членки на Унијата, на маса седнаа 27 – те лидери и нивните колеги од Западен Балкан. По Самит на ЕУ со Западен Балкан македонскиот премиер Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама, српскиот претседател Александар Вучиќ одржаа заедничка прес конференција на која изразија разочарување што четиричасовната средба не донесе позитивен исход.

Ковачевски изјави дека „францускиот предлог“каков што е во моментот, е неприфатлив за македонскиот државен врв.

Тој од Брисел однесувањето на Бугарија го нарече враќање на минатото и удар и проблем за политиката за проширување и кредибилитетот на Европската унија. Официјално Скопје е подготвено да размислува за предлогот од Париз само ако се вградат неколку клучни елементи.

„Не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерални. Историските прашања не смеат да бидат дел од преговарачката рамка. Предлогот во сегашниот облик не е прифатлив“ изјави Ковачевски од Брисел.

ЕУ - Западен Балкан, наместо самит на остварени надежи разочарување
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

Рама – Бугарија држи две земји заложници

Премиерот на Албанија, Еди Рама, чија земја исто така е заложник на бугарското вето, оти интегративниот пат е во пакет со оној на Македонија, во својот препознатлив стил, рече дека земјите од регионот ќе продолжат на патот кон ЕУ, надевајќи се дека во наредниот век ќе бидат членки, а дотогаш ќе се соочуваат со една или друга „Бугарија“ на тој пат. Тој рече дека му е жал за ЕУ, оти ниту војната не ги обединила.

„Срамота е што една земја членка на НАТО- Бугарија, киднапира две други земји членки на НАТО- Албанија и Северна Македонија во време на жестока војна во дворот на Европа под окото на 27 земји членки кои се импотентни“, вели Рама.

На прес-конференцијата се обрати и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Тој вели дека Србија ги поддржува Северна Македонија и Албанија и верува дека пријателите од Скопје и Тирана заслужуваат да добијат датум за отпочнување на преговори, но како што рече, денеска повторно ништо не се случи.

Критики од европски дипломати кон Бугарија

Дел од европските дипломати јавно ја критикуваа Бугарија за нејзината позиција и дури отворено зборуваат дека „консензусот е проблем при одлучувањето во ЕУ“, што пак се покажа на примерот на Северна Македонија.

Разочарувањето на Борел околу ветото на Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:05 0:00

ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на Самитот ЕУ – Западен Балкан. Тојизрази незадоволство поради недостигот на напредок во Бугарија во однос на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Според него принципот на консензусот не е добро решение за носење одлуки во ЕУ.

„Овој случај уште еднаш покажа дека консензусот е проблем при одлучувањето. Не можеме да продолжиме, затоа што една земја блокира“, потенцираше Борел.
На ЕУ и треба Западен Балкан и на Западен Балкан му треба ЕУ, напиша на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, непосредно по самитот ЕУ- Западен Балкан.

Тој упати силна поддршка за повторно покревање на процесот на интеграција и се осврна посебно кон Македонија.

„За Северна Македонија, продолжува работата кон брзо изнаоѓање заемно прифатливо решение“, истакна Мишел.

Реакции на македонската опозиција

По прес конференцијата во Брисел на лидерите од Западен Балкан во Скопје македонската опозиција повторно побара оставка од Владата. ВМРО-ДПМНЕ и народот победија, последниот предлог кој ќе значеше бугаризација на Македонија пропадна, изјави на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

„Димитар Ковачевски, кој сега од Брисел ретерираше, е човекот кој ја донесе Македонија во подредена и срамна положба, на чекор од целосно бришење на идентитетот, јазикот и историјата“, изјави Ковачки.

Со контрареакција се јави владејачката СДСМ.

„Со денови Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев и бројни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ширеа лаги дека државата ќе се бугаризира, дека јазикот и идентитетот се распродадени, смислено и тенденциозно создаваа хистерија во јавноста за да нанесат штета на државните позиции.Сите тие смислени лаги за нанесување штета на државата потонаа,“ се вели во соопштението на СДСМ.

Коалициските партнери ДОМ, ЛДП и Демократски сојуз кои заедно имаат 4 пратеници денеска пред почетокот на Самитот најавија напуштање на владејачкото мнозинство доколку Владата го прифати „францускиот предлог“.

Вториот ден од Самитот посветен на економските предизвици

Вториот ден од европскиот самит е посветен на економските предизвици на Унијата. Состаноците на Евро самитот даваат стратешки насоки за економската политика на еврозоната.

На 16 јуни 2022 година, Еврогрупата ја одобри позитивната оценка за Хрватска, согласувајќи се дека земјата ги исполнила сите критериуми за потребни за приклучување кон еврозоната, предлагајќи Хрватска да го воведе еврото на 1 јануари 2023 година. Ова е првиот чекор во процесот со кој Советот на ЕУ донесува правни акти кои ќе и овозможат на Хрватска да стане членка на еврозоната и да има корист од користењето на еврото.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG