И ДОМ ќе ја напушти Владата ако се прифати францускиот предлог

Средба на коалициските партнери во Владата овој викенд

На денешниот состанок на Извршниот одбор на ДОМ во проширен состав, се разгледуваше т.н. француски предлог објавен во медиумите. Раководството на ДОМ едногласно донесе став дека овој предлог е неприфатлив и Владата треба да го отфрли.

Отворените прашања со Бугарија треба билатерално да се решаваат во добра волја, взаемна почит и согласно европските вредности. ДОМ останува на ставот дека за македонскиот јазик и идентитет не смее да се преговара.

Сметаме дека овој предлог ќе го претвори пристапниот процес за членство на Македонија во ЕУ во бескрајна агонија и го доведува во неизвесност и самото започнување на преговорите.

Доколку Владата го прифати овој т.н. француски предлог, ДОМ ќе ја напушти Владата и парламентарното мнозинство.

Претходно денеска и лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа Горан Милевски најави дека ќе излезе од Владата доколку биде прифатен францускиот предлог, а иста најава стигна и од партијата на Павле Трајанов, Демократски Сојуз.

Вечерва пак граѓани протестираа пред владата против истиот предлог, бидејќи сметаат дека е базиран на бугарските барања и е на штета на македонските национални интереси.

Европскиот предлог предвидува условите на Бугарија да станат дел од обврските на Северна Македонија кон ЕУ. Оваа опција стана позната како „француски предлог“ бидејќи дојде за време на француското претседателство со Советот на ЕУ.